Најмалку шест лица загинаа денеска, откако четири девојки се разнесоа со експлозив во близина на градот Мајдугури во североисточна Нигерија, соопштија локалните власти.
Според нигериската Национална служба за справување со вонредни ситуации, при експлозиите загинале четирите напаѓачки и двајца други луѓе, а 16-мина се ранети. Засега никој не презел одговорност за нападот, но се претпоставува дека тоа е дело на екстремистичката група Боко Харам, којашто има практика – во ваквите свои мисии да испраќа девојки.
Последниве години, над 200 девојки врбувани од терористичката организација, загинале при вакви напади во Нигерија. Нивната екстремистичка бунтовничка дејност трае седум години, и досега однесе над 20.000 човечки животи.