Шест месеци по воениот удар од 22 мај, воената хунта што ја презеде управата со Тајланд не успеа да ги убеди повеќето држави дека сменувањето на цивилните власти било оправдано.
Денешните весници во Тајланд истакнуваат дека и покрај изјавите на водачот на ударот, сега преодниот премиер, генералот Прајут Кан-ока дека меѓународната заедница покажала разбирање, ниту една од државите кои по ударот искажале несогласување и вовела санкции не го сменила својот став. Овде се потсетува и на изјавата на американскиот претседател Обама, според која сегашниот претседател на преодната влада не смее да ги користи меѓународните собири за да бара оправдување на воениот удар.
Аналитичарите во денешните коментари нагласуваат дека една од придобивките на воениот удар е запирањето на масовните антивладини и провладини демонстрации во кои загинаа над 200, а се ранети повеќе илјади лица.
Мерките што ги воведе хунтата, особено полицискиот час и законот за вонредна состојба значително го намалија бројот на станските туристи од чија потрошувачка се остваруваат над 19 посто приходи во националната економија. Запрени се и најавените директни инвестиции од САД, Австралија и државите на Европската Унија, а единствено Кина нема да ги запре најавените инвестиции во тајландската инфраструктура и енергетскиот сектор.
Проценка на состојбите шест месеци по воениот удар даде и шефот на Националната комисија за човекови права, Ниран Питаквчара, кој на скалата од 0 до 10 состојбата со човековите права ја оцени меѓу 4 до 5, што е далеку од оценката на живеењето во Тајланд под цивилна управа.
Според него, укинувањето на поголем дел од мерките за вонредна состојба, особено полицискиот час, забраната за собирање на групи поголеми од 5 лица и ублажувањето на мерките за цензура на медиумите можат да бидат показател дека хунтата, сепак, води сметка за човековите права и меѓународниот углед на Тајланд.