По првата официјална седница на преодната влада на Тајланд, нејзиниот премиер, генералот Прајут Кан-ока на средба со новинарите изјави дека тие се неговите најголеми пријатели и дека очекува заедно со нив да ја истера борбата за враќање на Тајланд во нормална ситуација.
Водачот на воениот удар од 22 мај, како што известува весникот „Национал’’, во невообичаено пријателска атмосфера на средбата со новинарите им ја раскажал и својата приказна за четирите прстени што постојано ги носи.
Прстените, кои според него се дел од традиционалното мистично убедување дека им носат среќа на тие што ги носат, генералот ги носи со децении. Ги преместувал од десната на левата рака само кога носел униформа, бидејки, вели тој, не се пригоден украс кога отпоздравува како војник.
Флертувањето на генералот Прајут со новинарите се емитуваше како централен настан на сите телевизиски станици во Тајланд. На состанокот, а и во извештаите за него не беше споменато дека сегашните воени власти воведоа строга цензура на известувањата за политичките настани во Тајланд.