Претседателот Доналд Трамп повторно инсистираше дека Иран е „многу блиску“ до изградба на нуклеарно оружје, и покрај спротивните проценки на американските разузнавачки служби.
Според Скај њуз, ова е во спротивност со изјавата на Тулси Габард, која Трамп ја назначи за свој главен советник за разузнавачки прашања во вториот мандат. Во март, Габард изјави пред Конгресот дека американските служби веруваат дека Иран „не гради нуклеарно оружје“ и дека врховниот лидер на земјата „не ја одобрил нуклеарната програма што ја суспендираше во 2003 година“.
На прашањето на новинар за таа контрадикција, Трамп ги отфрли изјавите на Габард: „Не ме интересира што таа (Тулси Габард) кажа“, рече Трамп. „Мислам дека беа многу блиску до тоа да ја добијат“.
Ројтерс објави дека американските претставници изразиле загриженост во врска со активностите на Иран околу нуклеарните постројки, иако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не пронашла докази за обновена воена нуклеарна програма.
CBS News истакнува дека европските лидери на самитот на Г7 повикаа на дипломатија и континуирано следење на нуклеарната програма на Иран, додека Трамп остана цврст. Во извештајот, исто така, се наведува дека врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, повторно ја отфрлил можноста за изградба на нуклеарно оружје, тврдејќи дека тоа е спротивно на религиозните принципи на Иран.
Со оглед на растечките тензии, американската администрација ги интензивираше консултациите со своите европски партнери, а Ројтерс објави дека се очекува нова рунда разговори со цел да се спречи понатамошна ескалација и можен воен конфликт.