Оружјето што беше пронајдено во севернокорејски брод во Панама е кубанско, соопшти синоќа Министерство за надворешни работи на Куба.
Во соопштението се нагласува дека станува збор за „застарено, дефектно и неупотребливо„ оружје што Куба го испраќа на поправка и репарација во Северна Кореја“.
Бродот, кој пренесуваше шеќер, беше задржан од панамските власти откако на него беше откриен „непријавен воен товар“, сокриен под големите контејнери со кубански шеќер.
Според кубанското Министерство, властите на Панама пронашле 240 тони старо и неупотребливо дефанзивно оружје, меѓу кое и две цели противавионски ракети, девет други вакви ракети во делови, два авиони „МиГ-21“ и уште 15 мотори за авионите „МиГ“
Кубанските власти во соопштението објаснуваат дека целото ова оружје е произведено во средината на 20-от век и тоа по поправките и извршената репарација во севернокорејските фабрики одново треба да биде вратено во Куба.
Со санкциите на ОН кон Северна Кореја, воведени поради недоразбирањето со режимот во Пјонгјанг околу севернокорејската нуклеарна програма, забранета е испорака на оружје за земјата.
Во соопшрението се нагласува дека Владата во Хавана „и натаму останува силен застапаник на мирот и разоружувањето, вклучувајки го и нуклеарното“, како и дека ги почитува одредбите на меѓународното право.