Северна Кореја: Заедничките вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија вовед во азиската верзија на НАТО

Од:

Заедничките вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија имаат „злобна цел“ кон Северна Кореја и се дел од опасниот вовед во создавањето на „азиската верзија на НАТО“, објави денеска севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Извештајот на КЦНА беше објавен неколку часа пред лидерите на Јужна Кореја и Јапонија за првпат да присуствуваат на годишниот самит на НАТО како набљудувачи.

Тие треба да се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден за да разговараат за Северна Кореја, што е прв таков трилатерален самит од 2017 година.

Трите земји имаат намера да спроведат заедничка вежба за откривање и следење проектили во близина на Хаваи во август, наречена „Пацифички змеј“.

„САД стануваат тврдоглаво ориентирани кон воена соработка со своите марионети, игнорирајќи го примарното безбедносно барање и загриженоста на азиско-пацифичките земји“, објави КЦНА.

Наведено е и дека „планот за формирање на воениот сојуз САД-Јапонија-Јужна Кореја, мотивиран од инвестицијата на Токио и Сеул во Вашингтон“ е опасен вовед во создавањето на „азиската верзија на НАТО“, која „поттикнува нова Студена војна“.

Северна Кореја изврши рекорден број ракетни тестови оваа година, вклучувајќи ја и нејзината најголема интерконтинентална балистичка ракета, а постои загриженост дека би можела да тестира нуклеарно оружје, првпат од 2017 година.

Јужна Кореја и Јапонија се сојузници на Соединетите Американски Држави, но нивните меѓусебни односи се оптоварени со минатите тензии околу јапонската окупација на Кореја од 1910-1945 година.

Вашингтон ги повика Сеул и Токио да соработуваат повеќе во однос на заканите од Северна Кореја, како и да се спротивстават на зголеменото влијание на Кина.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Трамп: Постигнат голем напредок во преговорите со Јапонија

Започнуваат најважните мировни преговори меѓу Европа и САД

Блумберг: САД ги намалуваат проценките за долгот на Украина за 200 милијарди долари

Кина сега се соочува со царина од 245 отсто за увоз во САД

Од Северна Кореја во Русија пристигнаа 4.000.000 артилериски гранати

Иран ги објави своите недопирливи црвени линии