Јужна Кореја силно ќе одговори на секоја провокативна воена акција од Северна Кореја, соопшти денеска Министерството за одбрана во Сеул, откако официјален Пјонгјанг утринава ја разнесе канцеларијата за врски на двете Кореи во пограничниот град Кесонг.
Министерството соопшти дека јужнокорејската армија внимателно и деноноќно ги следи движењата на севернокорејската армија и дека дава сè од себе да спречи моменталната состојба да ескалира во воена криза, јави агенцијата „Јонхап“.
Кревањето во воздух на канцеларија за врски предизвика загриженост дека Северот би можел да изврши и други закани против Сеул, вклучувајќи го и испраќањето војници во демилитаризираната зона што ги раздвојува двете Кореи, за што Пјонгјанг денеска предупреди пред да ја урне канцеларијата.
Уривањето на канцеларијата за врски доаѓа само три дена откако сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун предупреди дека нејзината земја ќе ја урне „бескорисната“ канцеларија за комуникации.
Пјонгјанг претходно целосно ја прекина комуникацијата со Сеул, вклучувајќи ја и „жешката линија меѓу двете држави“ и каналите за воена комуникација, како одговор на испраќањето пропагандни летоци од Јужна Кореја во Северна Кореја.