Јужна Кореја апелираше до Северна Кореја да ги прекине сите акции кои ги зголемуваат тензии на Корејскиот Полуостров.
По состанок на јужнокорејскиот Совет за национална безбедност, владиниот портпарол посочи дека Владата во соработка со други држави ќе бара начини за намалување на тензиите.
Претходно, Генералштабот на јужнокорејската армија соопшти дека е подготвена да реагира итно на евентуална провокација од страна на Северна Кореја. Но, досега јужнокорејската армија не забележала никакви невообичаени активности во Северна Кореја, кои наликуваат на провокација.
Севернокорејските државни медиуми претходно објавија дека Пјонгјанг до средината на август ќе изработи план за лансирање четири ракети од среден дострел, кон води околу американскиот остров Гуам во западен Пацифик.
Ракетите што планира Северна Кореја да ги употреби би требало да прелетаат преку јапонските префектури Шимане. Хирошима и Кочи и да летаат 1.065 секунди со брзина од 3.356,7 километри на час за да погодат 30 до 40 километри од Гуам.
Севернокорејските медиуми оценуваат дека неодамнешните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп за употреба на сила против Пјонгјанг се „куп бесмислици“ со предупредување дека тој го разбира само јазикот на „апсолутна сила“.