Претставници на проруските сепаратисти од самопрогласените „Доњецка Народна Република“ и „Луганска Народна Република“ во источна Украина, како и од други украински региони, денеска во Доњецк прогласија формирање на нова држава наречена „Малорусија“.
„Уставниот акт“ за создавање на новата „држава“ беше прочитан од страна на „потпретседателот на Министерскиот совет на Доњецката Народна Република“, Александар Тимофеев.
Малорусија е историска област во источниот дел на Европа, главно на територијата на денешна Украина, чии граници варираа низ вековите. Најпозната е како Малоруска Губернија во составот на поранешното Руско Царство.
– Ние претставниците на поранешните региони на Украина, соопштуваме дека формираме нова држава која претставува наследник на Украина. Новата држава ќе се вика Малорусија, бидејќи самиот назив Украина е дискредитиран, стои во „Уставниот акт“.
Како што јави ТАСС, претходно, лидерот на доњецките сепаратисти Александар Захарченко пред присутните ги образложи мотивите за создавањето на државата Малорусија.
Захарченко истакна дека создавањето на „новата федерална држава има за цел спречување на граѓанската војна и избегнување на нови жртви“.
Претставниците присутни на собирот едногласно ги усвоија двата документи.
Според ТАСС, покрај претставниците на сепаратистите од Доњецк и Луганск, „создавањето на новата држава“ било поддржано и од претставници на уште 17 украински региони, меѓу кои и од Киев.
„Уставниот акт“ предвидува главен град на Малорусија да биде Доњецк, а Киев да има статус на „историски културен центар’.
За знаме на новата држава е избрано знамето на атаманот на Запорошките Козаци, Богдан Хмелницки.
По „широката јавна дискусија“ Уставното собрание ќе подготви Предлог-устав на Малорусија, што ќе биде предложен на усвојување на „општонароден референдум“, се наведува во „Уставниот акт“.