Седумнаесет тела се извадени од под лавината, која погоди дел од базниот камп на Монт Еверест по силниот земјотрес со интензите од 7,9 степени според Рихтеровата скала, кој вчера го погоди Непал.
Шеесет и едно лице е рането од снежната маса, која затрупа дел од базниот камп, изјави Анг Шеринг Шерпа, претседател на Непалската алпинистичка асоцијација.
Според него поради невремето едвај денеска од Катманду долетал првиот хеликоптер за да ги земе ранетите од кампот.
Меѓу загинатите е Дан Фрединберг, директор на истражувачкиот оддел на Гугл. Тој заедно со други тројца вработени во компанијата планирал да се искачи на Монт Еверест. Фрединберг се здобил со смртоносни повреди во главата, а неговите колеги не се повредени.
Во камповите 1 и 2, над базниот камп престојуваат над 100 алпинисти и ниту еден од нив не е повреден, додаде Шерпа.