Дефицитот на француската држава на крајот од месец март порасна на 31 милијарда евра, наспроти 29,4 милијарди евра пред една година, јави дописникот на МИА од Париз.
Во соопштението на француското Министерство за буџет се наведува дека расходите во првите три месеци од годината достигнале 90,2 милијарди евра, односно 3,5 отсто повеќе отколку во првиот квартал на 2012 година, иако трошоците поврзани со францускиот долг се намалени за 7 проценти на 2,6 милијарди евра, благодарејќи на ниската каматна стапка на кредитите со кои се финансира Франција.
Трошоците поврзани со вработените во државната администрација се зголемиле за 1,9 отсто во однос на 2012 година, а во исто време на 31 март Франција во Буџетот на ЕУ уплатила 8,9 милијарди евра, односно 1,1 милијарда евра повеќе од лани.
Приходите во буџетот се зголемиле за 2,2 отсто на 69,6 милијарди евра, наспроти 68,2 милијарди од пред една година, и покрај зголемувањето на давачките предвидени со законот за финасии за 2013 година.
Само од новите лиценци за 4Г мобилна телефонија од типот е остварена добивка од 2,6 милијарди евра.
Чистиот даночен приход се зголемил за 3,3 отсто на 68 милијарди евра, а заработката од данокот на лични примања забележа скок од 9,3 проценти на 18,6 милијарди евра.
Француската Влада предвидуваше дефицитот до крајот на 2013 година да го сведе на три отсто од БДП, но со зелено светло од Европската комисија се откажа од ваквата цел, која предвидуваше намалување на дефицитот на 62,3 милијарди, наспроти ланските 87,2 милијарди.
Владата на Франција сега предвидува дефицит од 3,7 отсто од БДП со економски раст од 0,1 проценти, што според Брисел е опримистичка прогноза.