СБ на ОН одби три предлог-резолуции за Сирија, Западот се подготвува за воена акција

Од:

Советот за безбедност на ОН синоќа трипати не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија, по што САД и сојузниците размислуваат за преземање воени акции.

Русија стави вето на обидот на САД во Советот за безбедност на ОН да воспостави нова истрага за откривање на виновниците за хемиските напади во Сирија, по што следеа две руски предлог-резолуции, кои не беа изгласани.

Русија ги обвини САД, Франција и Велика Британија дека предложиле текст за усвојување, за кој знаеле дека Москва ќе стави вето, само како изговор за да преземат воени активности.

Русија стави вето на предлог-резолуцијата на САД, која беше поддржана од 12 држави. Кина беше воздржана. Нацрт-резолуцијата предлагаше формирање на „нов независен истражен механизам на ОН” за употреба на хемиско оружје во Сирија со едногодишен мандат. Тоа е 12-то вето на Русија на предлог-резолуции за Сирија од почетокот на војната во 2011 година.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон оцени дека Русија го држи сирискиот народ како заложник, затоа што не ја поддржале предлог-резолуцијата на САД.

– Многу разочарувачки е тоа што Русија го искористи ветото, а Кина остана воздржана за предлогот да се отвори независна истрага за нападите со хемиско оружје во Сирија. Русија го држи народот на Сирија како политички заложници со тоа што поддржува режим кој е одговорен за најмалку четири напади со хемиско оружје, изјави Џонсон.

Веднаш потоа, СБ на ОН ја отфрли руската предлог-резолуција за создавање механизам за истраги за употреба на хемиско оружје во Сирија. Рускиот текст не ја доби поддршката од неопходните девет од вкупно 15 гласови. Предлог-резолуцијата беше поддржана од шест држави, девет беа „против“, а две воздржани.

Западните земји го критикуваа недостигот на независност во прелдожениот механизам за истраги. Во рускиот текст беше предложено иследниците да поднесат извештај до Советот за безбедност на ОН, кој потоа ќе одреди кој е одговорен за таквите напади.

Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли изјави дека нацрт-резолуцијата предложена од Москва не предвидува независност и објективност, бидејќи на Русија би и било овозмоќено да ги блокира резолтатите на истражното тело.

Потоа и Шведска поднесе предлог-резолуција, дополнета со барања на Русија. Текстот доби поддршка од пет држави, меѓу кои Русија и Шведска, пет беа „против“ – вклучително и САД и Велика Британија, а шест се воздржаа.

За да може нацрт-резолуцијата да биде усвоена од СБ на ОН, таа мора да добие најмалку девет гласови и да не биде ставено вето од страна на постојаните членки – Русија, Кина, Франција, Велика Британија и САД. Вето може да се стави дури и ако текстот е поддржан од најмалку девет членки.

Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) вчера соопшти дека ќе испрати свои иследници во Дума, каде што опозициските активисти велат дека десетици лица загинале во хемиски напад на 7 април. ОПЦВ може само да потврди или да негира употреба на хемиско оружје, но не и да ги посочи извршителите, потсетува АФП.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа посетата на латинска Америка за да се фокусира на одговорот на Вашингтон на наводните хемиски напади во Сирија. Тој потенцираше дека одговорот ќе следува набрзо. Трамп имаше и телефонски разговор со британската премиерка Тереза Меј за понатамошни воени дејствија во Сирија.

– Нападот извршен во Дума, е варварски. Очигледно е дека итно работиме со нашите сојузници и партнери за да се процени што се случило на терен, рече таа.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе се координира со САД и Велика Британија и за неколку дена ќе ја соопшти одлуката за преземање воена акција во Сирија. Макрон, претходно, во неколку наврати потенцираше дека употребата на хемиско оружје е „црвената линија“ која повлекува сериозни реперкусии.

Сирија во 2013 година се согласи да се откаже од своето хемиско оружје, откако стотици луѓе загинаа во нападот со отровен гас во предградијата на Дамаск, кои се наоѓаа бунтовниците. Оттогаш, во неколку наврати постоеше сомнение дека сириската власт врши хемиски напади во области под контрола на бунтовниците.

Би можело да ве интересира

132 лица загинаа во конфликтот меѓу режимските сили и џихадистите во Сирија

Горан Наумовски

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

ВИДЕО: Израел погоди станбена област во Дамаск, меѓу загинатите има жени и деца

Катерина Ѓуровски

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение