Еден бомбаш самоубиец нападна денеска воен контролен пункт во северномалискиот град Тимбукту, по што избувнаа жестоки судири помеѓу милитантите и армијата. Поедини информации сугерираат дека бомбашот бил убиен пред да го активира експлозивот. Набрзо потоа, група милитанти се обиде да се инфилтрира во самиот град.
Против милитантите се судри војската на Мали со помош на француските воздухопловни сили. “Борбите се жестоки и сеуште траат”, изјави еден од командантите на армијата на Мали, Модибо Наман Траоре, истакнувајќи дека војската е во фаза на “опкружување” на милитантите. Според информациите на градоначалникот најмалку еден војник е убиен вчера, а двајца цивили се ранети. Не се знае бројот на жртвите во денешните судири.
Информациите велат дека ситуацијата во градот е многу напната и дека жителите се забарикадирани во своите домови, откако група милитанти во текот на ноќта влегоа во западната градска четврт. Сведоците велат дека француската армија ги оставила војниците на Мали сами на фронтот неколку часа, а дури подоцна се вклучиле во судирот. Неколку жители потврдија дека француски воени авиони подоцна ги бомбардираа бунтовничките позиции.
По првичното преземање на градовите во северниот дел на земјата, се чини дека бунтовничките групи се се уште во состојба да изведуваат спорадични напади. Франција најави дека ќе се повлече следниот месец, но според последните информации, во Мали ќе останат дури една четвртина од војниците, околу 1.000.