Американскиот Стејт департмент реагира на говорот на палестинскиот претседател Махмуд Абас пред Генереалното собрание на Обединетите нации, во кое тој го обвини Израел за „геноцидна војна“ во Појасот Газа.
Портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки изјави дека говорот на Абас е навредлив и оти САД го оценува како провокативен и контрапродуктивен и не помага во напорите за обновување на довербата меѓу Израел и Палестинците.
Абас во вчерашниот говор најави дека ќе побара од Советот за безбедност на ОН да ги диктира правилата за преговори со Израел, како и одредување на рок за израелско повлекување од окупираниот Западен Брег.
– Израел годинава избра да води нова геноцидна војна против палестинскиот народ. Војната во Газа беше серија на апсурдни воени злосторства направени пред очите и ушите на целиот свет, посочи Абас.
Тој не наведе дали ќе го обвини Израел за воени злосторства, додавајќи дека „нема да заборавиме и нема да простиме и нема да дозволиме воените злосторници да ја избегнат казната“.
– Говорот на претседателот Абас вклучува голема офанзивна карактеризација која длабоко разочарува и ја отфрламе, потенцира Псаки.
И Израел ги отфрли обвинувањата, а говорот на Абас го оцени како „подбуцнувачки и полн со невистини“.
Според податоците на ОН во војната во Појасот Газа загинаа над 2.100 Палестинци, од кои поголемиот број цивили, а околу 18.000 домови се уништени. На израелска страна загинаа шест цивили и 66 војници.