Постојаната претставничка на САД во Обединетите нации, Кели Крафт, најави дека кон крајот на месецот ќе се суспендира сета хуманитарна помош за подрачјата од Јемен што се под контрола на бунтовничкото движење Хуси, што е поддржано од Иран, јави агенцијата Анадолија.
Во текот на обраќањето пред Советот за безбедност на ОН Крафт кажа дека во овие продрачја од Јемен се интензивирани судирите и насилството, во кои Хусите го зазедоа Ал-Хазм, центарот на Ал-Џафа.
Таа додаде дека Хусите ја оневозможуваат операцијата на хуманитарна помош и дека постои загриженост кај персоналот кој работи со хуманитарната помош.
-САД кој крајот на март ќе ја суспендираат хуманитарната помош за подрачјата под контрола на Хусите во Јемен, соопшти Крафт.
Јемен веќе подолго време е средиште на политичка и безбедносна криза, а Хусите од септември 2014 година ја контролираат престолнината Сана и уште неколку други региони.
Коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, од март 2015 година им даваат поддршка на јеменските власти во борбата против Хусите.
Досега во судирите во Јемен настрадаа илјадници лица.
Податоците на ОН покажуваат дека повеќе од 22 милиони лица во Јемен имаат потреба од помош и заштита.