Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа изјави дека нов екстремистички напад врз аеродромот во Кабул е можен во следните 24 до 36 часа.
Тој по средбата со воените и безбедносните советници истакна дека ситуацијата и понатаму е „екстремно висока“ и оти „нивото на закана од терористички напад останува висока“.
Бајде посочи и дека вчерашниот американски напад врз припадници на Исламска држава нема да биде последен одговор.
– Кажав дека ќе ги гониме одговорните за нападот врз нашите војници и невини цивили во Кабул. Ќе продолжиме да го гониме секој кој е вмешан во тој напад и тие ќе платат за тоа, истакна Бајден.
Во американскиот напад со дрон на база на Исламска држава беа убиени двајца од лидерите на организиацијата во Авганистан.
Доцна синоќа беше потврдено дека американската војска почнала да се повлекува од аеродромот во Кабул. Британските трупи и дипломатите се комплетно повлечени од Авганистан. Покрај Британија и Италија и Франција и Германија престанаа со евакуација на цивилно население.
Крајниот рок за летови со кои ќе бидат евакуирани Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата е 31. август. Талибанците не дозволија продолжување на рокот.
Илјадници Авганистанци се наоѓаат на аеродромот во Кабул во надеж дека ќе бидат извлечени од странските војски. Но, голем дел од политичарите од западните земји признаа дека нема да биде можно мисијата да биде комплетно завршена и да бидат извлечени сите луѓе.