Две од петте највлијателни земји во Советот за безбедност на ОН, САД и Велика Британија, го отфрлија повикот на Либија за укинување на ембаргото за оружје на ОН за да може таа да се заштити од групата Исламска држава, пренесоа американските медиуми.
Според нив, Либија, која е западната во безбедносен хаос, прво има потреба од Влада на национално единство.
На вчерашната вонредна седница на Советот за безбедност на ОН либискиот министер за надворешни работи изјави дека ембаргото треба да се укине бидејќи џихадистичката група се утврдила во северна Африка и настапува кон Европа.
– Доколку не бидеме снабдени со оружје тоа ќе им биде од полза единствено за екстремистите, рече министерот Мохамед ал Дајри.
Лондон и Вашингтон, меѓутоа, покажуваат отворена загриженост од можноста во оваа земја да влезе уште оружје, бидејќи во неа има две влади, мноштво вооружени групи и висок ризик оружјето да падне во погрешни раце.
И двете држави сметаат дека ембаргото треба да се задржи, а како постојани членки на Советот за безбедност можат да наметнат вето и да го блокираат секој предлог.
– Проблемот е што во Либија нема влада што ќе биде ефикасна и ќе има контрола врз својата територија, изјави шефот на британската дипломатија Филип Хамонд при посетата на Шпанија.
„Нема либиски вооружени сили, кои меѓународната заедница ефиксно ќе ги поддржи“, додаде тој.
– Доколку едноставно оружјето го истуриме во рацете на една или друга фракција, како што во суштина се предлага, тоа нема да доведе до решавање на кризата во Либија, нема ниту Европа да ја направи посигурна, туку ќе создаде поголем ризик, рече Хамонд.
Портпаролката на американскиот Стејт департмент Џен Саки изјави дека американската позиција за поддршка на ембаргото не е променита.