Стејт департментот соопшти дека патната исправа на поранешниот работник на НСА, Едвард Сноуден кој што ги откри податоците за интернет шпиунажа, е прогласен за неважечки.
Неофицијално лице од американската администрација рече дека иако тоа би му го отежнало движењето на Сноуден, не значи дека тој нема да може да патува, бидејќи државата која би сакала да го прими не мора да се придржува до тој факт.
Според последните информации тој се уште се наоѓа во транзит просторот на московскиот аеродром, од каде што би можел да отпатува во Еквадор.
Портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки рече дека е нормално на лица за кои има налог за приведување да им се поништи пасошот.
-Тоа не влијае на неговото државјанство. Лицата против кои има кривична пријава, како што е Сноуден не би смееле да го продолжат патувањето, туку да се вратат во САД- наведе Псаки во соопштението.
Претседателот на конгресниот одбор за безбедност републиканецот Мајк Роџер предупреди дека руските разузнавачки служби ќе разговараат со Сноуден и дека поради тоа САД мора да им објасни на своите граѓани дека тој е предавник.
-Се надеваме дека ќе го бараме и до крајот на светот, приведеме пред правдата, како и дека на Русија ќе и ставиме до знаење дека ќе сноси последиците доколку го штити – изјави сенаторот од Северна Каролина Линдзи Грахам.
Сенаторот од Њујорк Чак Шумер рече дека по проблемот околу Сирија ова е нов случај во кој рускиот претседател Владимир Путин им „става прст во око“ на САД.
Eлена Георгиевска