Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа потпиша извршна уредба со која се забрануваат инвестиции, трговија и финансирање, кои би ги извршувале граѓаните на САД со отцепените региони во источна Украина.
– Потпишав извршна уредба за да се спречи Русија да профитира од сериозно кршење на меѓународното право, напиша Бајден на Твитер.
Тој изјави дека САД ги продолжуваат консултациите со сојузниците, партнерите и со Украина за следните чекори.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки вчера најави дека Бајден ќе потпише декрет со кој „ќе се забрани какви било нови американски инвестиции, размена или финансирање“ во проруските области Доњецк и Луганск.
Велика Британија денеска ќе објави нови санкции против Русија, најави синоќа британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, откако рускиот претседател Владимир Путин призна два проруски сепаратистички региони во Украина како независни држави.
„Ќе објавиме нови санкции против Русија како одговор на нејзиното кршење на меѓународното право и нападот врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, објави Трас на Твитер.
Во заедничка писмена изјава, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел остро ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин „да продолжи да ги признава“ регионите Доњецк и Луганск во Украина како „независни ентитети“.
– Таквиот потег е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорот од Минск. Унијата ќе реагира со санкции против оние кои се вклучени во овој незаконски чин, најавија Фон дер Лајен и Мишел.
Тие ја повторија непоколебливата поддршка на ЕУ за независност, суверенитет и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, се додава во заедничката изјава.