Советникот на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков денеска во Москва се сретна со американскиот амбасадор во Русија, Мајкл Мекфол, со кого разговараше за новиот статус на поранешниот соработтник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, јави ИТАР-ТАСС.
Средбата уследи откако Сноуден, по добениот привремен политички азил во Русија, вчера ја напушти транзитната зона на московскиот аеродром „Шереметјево“, каде мина 40 дена, и официјално влезе на руска територија.
Американската амбасада во Москва на својот налог на Твитер објави дека Мекфол и Ушаков разговарале за „руско-американските односи, како и за намалувањето на нуклеарното оружје, за противракетната одбрана, за Сирија, за трговијата, за човековите права и за новиот статус на Едвард Сноуден“.
Во меѓу време адвокатот на Сноуден, Анатолиј Кучарена денеска за ИТАР-ТАСС изјави дека неговиот клиент се уште не решил што ќе прави во Русија.
– Штом донесе одлука, се надевам дека самиот ќе ја соопшти, нагласи Кучарена.