Русија има цел список со услови за примирје

Од:

Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната во Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс две лица запознаени со ова прашање. Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа или дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата, наведува агенцијата.

Руските и американските официјални лица разговараа за условите за време на лични и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите. Тие ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека американските претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и патот кон мировните преговори.

Претходните руски услови вклучуваа незачленување на Киев во НАТО, договор да не се распоредува странски војници во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири провинции и припаѓаат на Русија.

Русија, исто така, во последниве години побара од САД и НАТО да се справат со, како што ги нарече „основните причини“ на војната, вклучувајќи го и проширувањето на НАТО кон исток. Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.

Посветеноста на Путин за можен договор за прекин на огнот се уште е неизвесна, а деталите допрва треба да се финализираат. Некои американски функционери, пратеници и експерти стравуваат дека Путин, поранешен офицер на КГБ, ќе го искористи прекинот на огнот за да го засили, како што велат, обидот да ги подели САД, Украина и Европа и да ги поткопа сите преговори.

Во Киев, украинскиот претседател Зеленски го поздрави овонеделниот состанок во Саудиска Арабија меѓу американските и украинските претставници како конструктивен и рече дека потенцијалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија може да се искористи за да се постигне поширок мировен договор.

Москва постави многу од овие слични барања во изминатите две децении, а за некои дури и влезе во формални преговори со САД и Европа. Москва претходно разговараше за нив со администрацијата на Бајден на серија состаноци кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, додека десетици илјади руски војници беа на украинската граница и чекаа наредба за инвазија.

Тие вклучуваа барања кои ќе ги ограничат воените операции на САД и НАТО од Источна Европа до Централна Азија.

Иако отфрли некои од условите, администрацијата на Бајден се обиде да ја спречи инвазијата со соработка со Русија за неколку од нив, според документите на американската влада прегледани од Ројтерс и повеќе поранешни американски функционери. Напорите не успеаја и Русија нападна на 24 февруари 2022 година.

Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година, може да биде почетна точка за мировните преговори.

Во овие разговори, Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Тие побараа и вето на акциите на земјите кои сакаат да и помогнат на Украина во случај на војна.

Администрацијата на Трамп не објасни како им пристапува на преговорите со Москва. Двете страни, потсетува Ројтерс, водат два одделни разговори – едната за ресетирање на американско-руските односи, а другата за мировниот договор во Украина.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нов, голем украински напад со дронови на руска територија

Катерина Ѓуровски

Косачев: Сите договори ќе бидат по наши услови

Русите зазедоа големи упоришта на вооружените сили на Украина

Украина: Сега целиот свет ќе види кој навистина сака мир

Песков: Не ја исклучуваме можноста за наскоро средба меѓу Трамп и Путин

Горан Наумовски

Руските трупи започнаа офанзива врз Суџа