Гаранциите на талибанците дека ќе ја почитуваат слободата на мислење во Авганистан се позитивен знак,соопшти денеска официјална Москва, и додаде дека ги повикува сите страни да се вклучат во дијалогот. Со своја позитивна оценка за првите пораки што доаѓаат од талибанците денеска се појави и Турција.
-Фактот дека талибанците во Кабул прокламираат и во пракса докажуваат дека имаат намера да ги почитуваат мислењата на другите, за мене е позитивен знак, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Русија го поддржува почнувањето на „национален дијалог“ во Авганистан „со учество на сите политички, етнички и верски сили“ во земјата, додаде тој.
-Гледаме знаци на надеж на страната на талибанците, кои изразуваат желба за влада со други политички сили, рече тој, наведувајќи го како пример ветувањето на талибанците дека ќе го почитува правото на образование на девојчињата.
Русија талибанците ги смета за забранета терористичка организација, но веќе неколку години одржува односи со нив и нивните претставници прими во Москва.
Русија ги задржа своите дипломатски претставништва во Авганистан, за разлика од западните кои масовно се евакуираат.
Рускиот амбасадор во Кабул денеска разговараше со талибанските претставници. Тој и другите руски дипломати од вчера повеќе пати пофално се изразија за талибанците.
Турција, исто така, денеска оцени дека пораките испратени од талибанците пд преземањето на власта се „позитивни“, додавајќи дека нејзините претставници биле во контакт со исламистичкото радикално движење.
-Ги поздравуваме пораките испратени досега од талибанците, и до странците и до дипломатските претставништва, но и до нивните луѓе, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес -конференција со јорданскиот колега Ајман Сафади во Аман.
„Се надеваме дека тоа ќе се покаже и преку нивните постапки“, додаде Чавушоглу, истакнувајќи дека Турција ги продолжува контактите со сите страни во Авганистан, вклучувајќи ги и талибанците.
Турција, која има неколку стотици војници во Авганистан, е вклучена во обезбедувањето на аеродромот во Кабул, заедно со САД.
Шефот на туркста дипломатија додаде дека операциите за евакуација на турските граѓани и странци ќе продолжат кога ќе се стабилизира ситуацијата на аеродромот.