Москва изрази огорченост, а Пекинг го отфрли извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе во кој Русија и Кина се деградирани на дното на листата на 188 држави.
-Што се однесува до примена на еднострани санкции против Русија, самата идеја поттикнува огорченост, соопшти пратставникот на руското Министерство за надворешни работи за човековите права, Константин Долгов.
Тој исто така нагласи дека извештајот може да ги загрози односите помеѓу Москва и Вашингтон, пренесе „Франс прес“.
-Овој извештај е спротивен од целта за понатамошен позитивен развој на руско-американските односи и конструктивниот договор кој што го постигнаа претседателите на двете држави во текот на неодамнешниот Самит на Г8 во Лох Ерн, стои во соопштението на Долгов.
Според него авторите наместо да направат длабока и објективна анализа, зошто трговијата со луѓе е во пораст вклучувајки ја и онаа на територијата на САД, тие повторно користеле неприфатлива методологија според која владите се рангирани врз основа на политички симпатии или антипатија.
Од друга страна Кина го отфрла извештајот на Стејт департментот кој што го деградираше Пекинг поради неуспехот да вложи поголеми напори во борба против трговијата со луѓе.
-Сметаме дека Американската страна треба да заземе објективен и непристрасен став за напорите на Кина и да престане да дава еднострани и произволни судови – наведе портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг.
Стејт департментот во својот нов извештај за трговија со луѓе во 2013 година, Кина, Русија и Узбекистан ги стави на третото најниско ниво, кое ги опфаќа државите чии влади не ги исполнуваат во потполност стандардите што се однесуваат на борбата за трговија со луѓе и не прават значајни напори на тој план.
Eлена Георгиевска