Во пожарот што избувна во психијатриска установа во селото Лука во Новгородската област, во северозападна Русија, загинаа 37 лица.
Телевизијата „Раша Тудеј“ објави дека досега се пронајдени шест лица, но сите со тешки изгореници за да бидат идентификувани. Една од жртвите се верува дека е санитарка што загинала додека спасувала пациенти на болницата.
Началникот на прес-службата на Министерството за вонредни ситуации Олег Воронов, првично изјави дека „во болницата се наоѓале околу 60 лица, од кои повеќе од 20 биле евакуирани со напори на вработените, а судбината на 37 лица е неизвесна“. – Но, тоа не значи дека тие загинале, рече Воронов, додавајќи дека тие пациенти можеби самостојно излегле од болницата.
Властите подоцна потврдија дека сите 37 лица загинале во пожарот. Според локалната полиција целиот објект во внатрешноста се урнал поради пожарот и дека најверојатно сите се мртви.
Според првични информации, пожарот избувнал во 3 часот наутро по локално време откако еден од пациентите го запалил својот кревет и самиот себе. Според руските медиуми, во пожарот целосно изгорело машкото одделение на болницата.
Вкупната површина на психијатрискиот интернат „Оксочи“ изнесува 670 метри квадратни.
Според информација на ИТАР-ТАСС, во интернатот се примаат повозрасни луѓе (мажи над 60 години и жени над 55 години), како и инвалиди од прва и втора група над 18 години, кои страдаат од хронични душевни болести и лица кои имаат потреба од постојана грижа.
Руското министерство за вонредни ситуации и канцеларијата на обвинителството потврдија дека претходно било побарано од болницата да престане со користење на градбата од 19. век бидејќи била од дрво и не ги исполнувала безбедносните услови.