Во Турција има повеќе новинари во затвор отколку во Кина, Еритреја, Иран или Сирија, што оваа земја ја претвора во „најголемиот затвор за новинари во светот“, се посочува во извештај на „Репортери без граници“.
Критиките во извештајот на „Репортери без граници“ се додаваат кон тезите на западните влади и на организациите за правата на човекот заради големиот број затворени турски новинари, од кои повеќето се во притвор.
Според „Репортери без граници“ вина за големиот број новинари во затвор имаат репресивните закони, нејасните законски одредби и параноидниот судски систем и само целосна ревизија на законот за борба со тероризмот во Турција и на други законски одредби можат да ја променат оваа ситуација.
Турција е сега најголемиот затвор за новинари во светот, што е тажен парадокс за земјата која се претставува како демократски модел во регионот, се забележува во соопштение на „Репортери без граници“.
Според организацијата, вкупно 72 медиумски работници во моментов се наоѓаат во затвори во Турција, од кои најмалку 42 новинари и четворица медиумски соработници се приведени заради нивната работа.
„Репортери без граници“ ги истражува случаите на останатите приведени новинари.
Владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган уверува дека повеќето од приведените медиумски работници се наоѓаат во затвор заради сериозни кривични дела, како членство во вооружена терористичка организација, што нема ништо заедничко со новинарската дејност.
Има сигнали дека владата, сепак, почнува да ја сфаќа големината на проблемот.
Некои новинари беа пуштени условно на слобода во текот на последните месеци, а на крајот на минатата недела вицепремиерот Булент Аранч посочи дека Анкара подготви предлог закон за прашањето на притворот на новинарите. Тој, исто така, забележа дека е потребно „современо“ толкување на некои членови од законите што се однесуваат на „пропагандата“.
-За нас бројот не е важен, ние сме силно растревожени дури и од еден притворен новинар заради негови статии или за новинарската дејност, изјави Аранч, цитиран од агенцијата Анадолија.
Повеќето од новинарите кои се наоѓаат во затворите во Турција се од курдско потекло, наведуваат „Репортери без граници“.