„Во светските океани има значително повеќе руски нуклеарни подморници отколку американски, и тие имаат најмоќно оружје“, изјави за руската државна агенција Тасс првиот заменик-претседател на Комитетот на Државната дума за Заедницата на независни држави, евроазиска интеграција и односи со сонародниците, Виктор Водолацки по најавата дека американскиот претседател Доналд Трамп наредил две нуклеарни подморници да се доближат до Русија.
Тој додаде и дека бродовите што американскиот претседател Доналд Трамп нареди да бидат пренасочени „во соодветните региони“ долго време се под контрола и дека на Русија не ѝ е потребен посебен одговор на изјавата на американскиот лидер за подморниците.
„Не може да има одговор од наша страна, бидејќи совршено добро разбираме кој е Доналд Трамп. Последните месеци покажаа дека тој се предомислува 24 часа на ден“, рече Водолацки.
Ненадејното зголемување на тензиите дојде откако Москва започна повеќе напади со беспилотни летала врз Украина во јули отколку во кој било друг месец од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, според анализата на АФП, која покажува интензивирање на бомбардирањето и покрај ултиматумите на американскиот претседател. До напнатост дојде и по одговорот од Русија дека Трамп и САД немаат сила да и се закануваат ниту да ја уценуваат Русија.
Во последните неколку дена имаше препукување на социјалните мрежи меѓу Доналд Трамп и поранешниот претседател на Русија Дмитриј Медведев, инаку верен соработник на Владимир Путин.
Трамп пред два дена објави дека ќе воведе царини за индиската стока во износ од 25 проценти, обвинувајќи ја таа земја за претерано високи царини и блиски врски со Русија, прецизирајќи дека царина од 25 проценти ќе се воведе за индискиот извоз од 1 август, со дополнителни казни поради купувањето руска нафта и оружје.
Во моментов, основната стапка на царина за индиските производи извезени во САД е 10 проценти. Трамп ја опиша Индија како земја со „најоптоварувачки и најнезгодни немонетарни трговски бариери од која било земја“.
„Не ме интересира што прави Индија со Русија. Според мене, тие можат заедно да ги уништат своите мртви економии. Соработувавме многу малку со Индија, нивните царини се превисоки, меѓу највисоките во светот. Исто така, Русија и САД речиси воопшто не соработуваат. Нека остане така и кажете му на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава што зборува. Тој влегува во многу опасна територија“, напиша Трамп.
Медведев одговори на зборовите на Трамп за „опасна територија“ и „мртвите економии на Индија и Русија“. Тој му се потсмеваше на американскиот претседател и тајно се закани со нуклеарна војна.