Во Венецуела, но и низ другите држави низ Јужна Америка деновиве зачестено се тврди дека Уго Чавез не починал од болест добиена по природен пат туку оти бил „заразен со рак“, односно бил жртва на заговор. Тоа се поткрепува со фактот дека тој е шестиот лидер во Јужна Америка кој заболел од канцер.
Чавез почина минатата недела по двегодишна борба со ракот.
На бразилската претседателка Дилма Русоф во 2009 година и е дијагностициран лимфом, рак на лимфните жлезди. По повеќемесечната хемотерапија таа во јавноста обелодени дека успешно ја победила болеста.
Од рак беше болен и нејзиниот претходник Игнасио Лула да Силва, еден од најпопуларните политичари во Бразил. Во 2010 тој заболе од рак на грлото и по успешната хемотерапија, болеста се повлекла, а тој и се врати на политиката.
Во 2010 година и аргентинската претседателка Кристина Фернандез Кирхнер објави дека има рак на штитната жлезда.
Истата година од лимфом заболе и тогашниот парагвајски претседател Фернандо Луго, кој исто така по успешното лекување ја победи болеста.
Последен во низата заболени лидери во земјите од Латинска Америка е Хуан Мануел Сантос, претседателот на Колумбија, кој од минатата година се бори против ракот на простата.
Венецуелскиот претседател Уго Чавез повеќепати јавно тврдеше дека САД развиле тајно оружје со кое ги заразуваат со рак лидерите од Латинска Америка.
– Не би ме чудело Америка да развила технологија која може да предизвика рак, а ние за тоа ништо да не знаеме, обвини Чавез.
Таквите негови тврдења не наидоа на никаква официјална реакција ниту на поголем медиумски интерс во САД.