Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија сака крај на војната во Украина и дека сите вооружени конфликти завршуваат дипломатски, со преговори.
„Нашата цел не е да го свртиме тркалото на воениот конфликт, туку, напротив, да ставиме крај на оваа војна. Ќе се стремиме кон крајот на таа војна, и што побрзо, толку подобро, се разбира“, рече Путин.
Путин ден по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа, им рече на новинарите дека постојано зборувал дека „ескалацијата на конфликтот води до неоправдани загуби“.
Русија инсистира на тоа дека е отворена за преговори, на што се сомневаат Украина и нејзиниот сојузник САД, кои веруваат дека Москва само сака да купи време по серијата порази и повлекувања во десетмесечната војна.
Кремљ вели дека Украина е таа која одбива да преговара, додека Киев вели дека Русија мора да ги прекине своите напади и да ја врати окупираната територија.
„Сите вооружени конфликти завршуваат на еден или друг начин со некакви преговори на дипломатско ниво“, рече Путин.
„Порано или подоцна, сите страни во состојба на конфликт седнуваат на маса и постигнуваат договор. Колку побрзо тие што ни се противат го сфатат тоа, толку подобро. Никогаш не се откажавме од тоа“, додаде Путин.
Рускиот претседател, исто така, го минимизираше значението на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ што американскиот претседател Џо Бајден се согласи да биде испорачан на Украина, велејќи дека Русија ќе најде начин да му се спротивстави.
Тој рече дека системот е „прилично застарен“ и не работи како рускиот „С-300“.
Извор: МИА