Рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКС изјави дека Русија сака да стави крај на војната во Украина, велејќи дека таа е „предизвикана од Западот и неговите сателити“. Во видео-обраќањето до лидерите на БРИКС, кои не ја осудија руската инвазија на Украина, Путин повтори дека бил принуден на војна поради акциите на Киев и Западот.
Путин лично не дојде на самитот, кој се одржува во Јоханесбург, бидејќи ќе му се закануваа апсење врз основа на налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Во март МКС издаде налог за негово апсење за воено злосторство илегално депортирање деца од Украина во Русија.
„Само една работа ги диктира нашите акции во Украина, а тоа е да се стави крај на војната предизвикана од Западот и неговите сателити против луѓето што живеат во Донбас“, рече Путин, мислејќи на источниот дел на Украина каде што се борат проруските сепаратисти.
Русија постојано изјавува дека е отворена за разговори за ставање крај на 18-месечната војна, но само доколку се земат предвид „новите реалности“ создадени од руските сили кои контролираат речиси една петтина од Украина. Украина бара враќање на целата нејзина територија и заминување на руските сили.
Јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, кој на одвоени состаноци во јуни им го претстави африканскиот мировен план на Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како одговор на говорот на рускиот претседател рече дека членовите на БРИКС ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за ставање крај на конфликтот.
Путин, исто така, рече дека Москва ќе го искористи своето претседавање со БРИКС следната година за да ја зајакне улогата на групата во светот како противтежа на глобалната доминација на САД. Самитот на БРИКС ќе се организира во Казан во октомври 2024 година, рече тој.