Политиката на Европската Унија за постепено намалување на уделот на евтиниот руски гас на својот пазар веќе доведе до негативни последици за економијата на ЕУ, изјави рускиот претседател Владимир Путин на средбата со директорот на Руската асоцијација на производители на ѓубрива, Андреј Гурјев.
Гурјев рече дека петрохемискиот комплекс во ЕУ практично е застојан и потсети дека Европа има намера целосно да ги напушти руските ѓубрива во следните три години.
Тој додаде дека „Европа прво се ограничи кога стануваше збор за евтиниот руски гас, што доведе до затворање на гасно-хемискиот комплекс“.
Рускиот претседател оцени дека не е во прашање само оваа индустриска гранка.
„Не само тоа. Одлуката доведе до прекин на производството на стакло. Постои цел синџир на негативни последици“, додаде Путин.
Според него, намерата на Европа целосно да ги напушти руските минерални ѓубрива е целосна глупост.
„Од економска гледна точка, од гледна точка на интересите на нашето сопствено земјоделство, ова е целосна бесмислица, колку што јас го разбирам“, рече Путин.
Гурјев додаде дека здруженијата на земјоделци во Европа остро се спротивставуваат на таквата одлука, бидејќи од 17 милиони тони минерални ѓубрива што ги увезува Европа, 5,5 милиони тони се руски. Заменувањето на таков обем на производи е прилично тешка задача, нагласи Гурјев.
Според него, плановите на Европа да се откаже од руските ѓубрива во следните три години ќе доведат до зголемување на цените.
Како што потсети, Европа веќе има највисоки цени за минерални ѓубрива во светот, додека уделот на увозот на руски ѓубрива на европскиот пазар е речиси една третина.
Путин, од своја страна, изјави дека повлекувањето на Русија на крајот ќе влијае на цените на храната во Европа.
„Секако, зголемувањето на цените на минералните ѓубрива на крајот ќе доведе до пад на жетвата. Европа наскоро ќе стане, можеби, не нето извозник на жито, туку нето увозник, повторно, можеби на истото украинско жито“, рече Гурјев.
Тој истакна дека руските производители на минерални ѓубрива планираат да го зголемат својот удел на светскиот пазар од сегашните 18-20 проценти на 25 проценти до 2030 година.
„Денес сме втор најголем производител на минерални ѓубрива во светот по Кина, но и најголем извозник“, нагласи Гурјев.
Тој потсети дека во 2024 година Русија произведе 63 милиони тони минерални ѓубрива и планира да постави нов рекорд од 65 милиони тони во 2025 година, пренесува „Спутник“.
Од своја страна, рускиот лидер рече дека индискиот премиер Нарендра Моди директно го замолил да ги зголеми испораките на руски минерални ѓубрива во таа земја.