Рускиот претседател Владимир Путин, на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, изјавил дека доколку Русија сака, може да го окупира целиот Донецк и другите делови од Украина каде што сè уште се водат борби, пишува американскиот портал „Аксиос“, кој обично има многу добро информирани извори.
Според извори запознаени со разговорите, Трамп ја пренел таа порака до Володимир Зеленски и лидерите на НАТО во телефонски разговор што траел повеќе од час и половина. Според Трамп, Путин јасно ставил до знаење дека не сака прекин на огнот, туку сеопфатен договор за завршување на војната.
Според изворите што ги цитира „Аксиос“, во повикот, исто така, се дознало дека Путин е подготвен да ја заврши војната во замена за територија и да се обврзе дека нема да се обидува да заземе дополнителни територии во Украина или да нападне други земји.
Во истиот разговор, Трамп рекол дека верува дека „брз мировен договор е подобар од примирје“, што е целосно пресврт од неговите претходни ставови. Зеленски одговорил дека Путин погрешно ја претставува ситуацијата на бојното поле.
По самитот, Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека тој и Путин се согласиле „за повеќето, но не за сите прашања“, додавајќи дека сега „од претседателот Зеленски зависи да го заврши тоа“.
Украинскиот претседател потврди дека неговата земја останува подготвена да вложи максимални напори за мир, но нагласи дека е потребно да се вклучи Европа за Украина да добие сигурни безбедносни гаранции.
На социјалната мрежа Truth Social, Трамп ја оцени средбата со Путин како „многу успешна“ и најави дека наскоро би можела да се договори трилатерална средба со Путин и Зеленски.