Руската кампања на воздушни напади во Сирија ќе трае три до четири месеци со зголемување на интензивноста, изјави денеска претседателот на Комисијата за надворешни работи во Државната дума – Долниот дом на Рускиот Парламент, Алексеј Пушков.
– Секогаш има ризик да прекинеме, но во Москва се зборува за три-четиримесечна операција. Руските воздушни напади со сигурност ќе стануваат поинтензивни, изјави Пушков во интервју за француското радио „Јуроп 1“.
Тој наведе дека францускиот претседател Франсоа Оланд може да има важна улога во подобрувањето на односите меѓу Русија и САД.
– Неопходно е Европа да им предочи на САД колку е важно да се дејствува поактивно за затоплување на односите со Русија, посочи Пушков.
Тој додаде дека Русија воопшто не ја загрозува Европа.
– Украинската криза е прашање единствено на односите меѓу Русија и Украина, таа не се однесува на Европа. Владимир Путин досега и натаму ќе биде пријател на Европа. Но, пријател на Европа кој ги брани интересите на Русија, што е целосно логично, наведе Пушков.