Засега остануваме во Белгија и не се знае кога би се вратиле во Шпанија, изјави разрешениот каталонски лидер, Карлес Пуџдемон запрашан кога планира да ја напушти Белгија по повлекувањето на меѓународната потерница за негово апсење.
– Засега ќе останеме овде. Нашата желба, кога дојдовме овде, беше што поскоро да се вратиме, меѓутоа, дали ќе можеме да го направиме тоа? Мораме да го знаеме тој одговор пред да се вратиме дома, рече Пуџдемон на конференцијата за печат, на која говореше на француски јазик.
Тој и четворица поранешни министри од владата на Каталонија престојуваат во Белгија, откако беше распуштена нивната влада, а за сите петмина беа издадени потерници за апсење под обвинение за бунт и злоупотреба на средства.