Пуџдемон: Подготвен сум да соработувам со белгиските власти

Од:

Разрешениот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон денеска уште еднаш потврди дека е подготвен да соработува со белгиските власти, откако вчера шпанскиот Врховен суд издаде европски налог за негово апсење.

Пуџдемон ваквата најава ја објави на Твитер, но не посочи каде се наоѓа.

Се претпоставува дека Пуџдемон престојува во Белгија, откако по одлуката на Мадрид да го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, со што ја укина автономијата на Каталонија и воведе директна управа над регионот, тој и членови на неговата разрешена Влада допатуваа во Брисел.

Пуџдемон уште вчера во изјава за белгиската државна телевизија РТБФ нагласи дека е подготвен да соработува со правосудните власти на Белгија, кои, според него, за разлика од шпанските, не се политизирани.

– Нема да бегам од правдата. Ќе отидам пред судските власти, но вистинските судски власти. Му реков на мојот адвокат да ги извести белгиските правосудните власти дека сум целосно подготвен да соработувам со нив, изјави Пуџдемон.

Белгиските власти синоќа потврдија дека од Шпанија го примиле налогот за апсење на Пуџдемон и на четворица членови на неговата разрешена Влада, кои во четвртокот на се појавија на закажаното сослушување пред шпанскиот Врховен суд поради обвинијата за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на јавни фондови.

– Ќе го разгледаме налогот и ќе го дадеме на истражен судија утре или задутре, изјави синоќа белгискиот федерален судија Ерик ван дер Сипт.

Пуџдемон вчера во изјавата за РТБФ најави дека е подготвен да се кандидира на изборите за членови на каталонскиот Парламент, што ги распиша Владата во Мадрид за 21 декември. – Подготвен сум да бидам кандидат. Можно е да се води кампања од секаде, изјави Пуџдемон.

Поранешниот фински претседател и некогашен посредник во преговорите за статусот на Косово, Марти Ахтисари, во меѓу време, ја повика шпанската Влада да му дозволи на Пуџдемон да учествува на изборите во декември и оцени дека за „решавање на каталонската криза потребно е меѓународно посредување“.

Ахтисари оцени дека Каталонците „направиле глупост“ со едностраното прогласување независност, но дека и Шпанците реагирале „премногу бурно“.

– Потребно е посредување. Не знам дали можат да се вклучат ЕУ или ОН, но не треба да се дозволи ситуацијата да излезе од контрола, истакна Ахтисари.

Апелот на Ахтисари да му се дозволи на Пуџдемон да учествува на изборите дојде откако шпанскиот Врховен суд им одреди притвор на неколкумина каталонски лидери и ја распиша европската потерница по него и четворицата членови на неговиот Кабинет, за кои се претпоставува дека се уште се наоѓаат во Белгија.

Според извори во Судот, притворените каталонски лидери би можеле да останат во притвор и до две години пред почетокот на судењето. Тоа би значело дека тие, вклучитечно и Пуџдемон не ќе може да учествуваат на предвремените парламентарни избори во регионот.

Мадрид досега во неколку наврати ги одби предлозите на каталонските лидери за посредување на ЕУ или некоја друга земја во напорите за надминување на кризата околу Каталонија.

Би можело да ве интересира

Исчезна Белгиец кој планирал планинарење во реонот на Охрид, Струга и Дебар

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Триесетина Романци, сите роднини, се степаа на улица во Шпанија

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Двојно убиство во Барселона: Маж ја убил својата поранешна, но и сегашната партнерка

Момче е убиено на фудбалски терен во Толедо

Гледањето на Реал Мадрид на стадион станува луксуз

Предраг Петровиќ