Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) нема да отвори мониторинг за Унгарија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во усвоената резолцуија ПССЕ изразува „длабока загриженост“ околу начинот на кој Унгарија ги задоволува обврските преземени со членството во Советот на Европа.
Мониторинг нема да има, но сепак ПССЕ внимателно ќе следи развој на ситуацијата и ќе направи биланс на постигнатиот напредок. ПССЕ инсистира на фактот дека уставната рамка треба да се темели врз широко прифатени вредности од општетството и дека повеќе одредби од уставот на Унгарија се извор на загриженост за дел од унгарското општество.
Овие одредби сепак според оценките на ПССЕ „се темелат врз европските традционални вредности, кои се содржани во уставите на повеќе европски земји и беа усвоени од демократското мнозинство од две третини од унгарскиот парламент.“
ПССЕ го зеде предвид мислењето на Венецијанската комисија за 4-от амандман од унгарскиот устав, чии заклучоци ја „потврдуваат загриженоста изразена од ПССЕ“. Од Унгарските власти се бара потесна соработка со Венецијанската комисија, како и да одговорат целосно на препораките содржани во мислењето.
На априлската сесија Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа при ПСССЕ, препорача отворање на мониторинг процедура за Унгарија, но на состанокот на Бирото на ПССЕ беше изразено спротиставено мислење.
Од 47 земји членки на Советот на Европа под мониторинг се наоѓаат Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Руската федерација, Грузија, Црна Гора, Молдава, Србија и Украина. Четири други земји се во процедура на пост- мониторинг дијалог, Бугарија, Македонија, Монако и Турција.
Процедурата за следење на земјите членки се состои во редовни посети на земјите кои се опфатени со неа за да се направи проценка на напредокот постигнат во дијалгот со властите, политичките сили, судската власт и граѓанското општество и подготовка на извештаи кои се рагледуваат од ПССЕ.
Утре ПССЕ ќе го разгледува извештајот за постмониторинг следењето на Македонија, изготвен од британскиот парламентарец Роберт Волтер.