Иран ќе ги запре своите напади доколку и САД се воздржат од понатамошни воени дејствија, изјави висок ирански функционер за „Ројтерс“, по викендот во кој двете страни не извршија нови напади. Во меѓувреме, цените на нафтата паднаа за околу четири проценти, поттикнати од надежите за можна деескалација на конфликтот.
Според „Ројтерс“, Пентагон доцна во петокот ја паузирал кампањата на воздушни напади врз Иран, по 13 последователни ноќи бомбардирање. Во саботата и неделата не беа регистрирани нови американски напади, а Иран исто така се воздржа од напади врз соседните земји во кои има американски воени бази.
„Нашиот став останува ист – напад за напад. Ако нападите престанат, Иран ќе ги запре своите операции“, изјавил иранскиот функционер, кој побарал да остане анонимен, додавајќи дека оваа порака веќе му е пренесена на Вашингтон.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Валц, изјави за „Фокс њуз“ дека претседателот Доналд Трамп одлучил привремено да ги паузира американските напади за да се создаде простор за дипломатија.
„Тој им дава малку простор на разговорите“, рече Валц, без да наведе дополнителни детали.
Воздржаноста на двете страни веднаш се одрази на светските пазари. Цената на суровата нафта Брент утрово се намали за 4,1 отсто, на 92,82 долари за барел, додека американската WTI падна за 4,5 проценти, на 85,29 долари за барел. Аналитичарите оценуваат дека ова е првиот конкретен сигнал за можна деескалација, што ги намали стравувањата од нови прекини во снабдувањето со нафта.
Во исто време, американски претставници за „Ројтерс“ изјавиле дека воените команданти го предупредиле Трамп дека продолжувањето на интензивните воздушни операции би можело значително да ги намали резервите на американската муниција, особено пресретнувачите што се користат во системите за воздушна одбрана на Блискиот Исток.
Од друга страна, висок ирански извор наведува дека во Техеран преовладува скептицизам во однос на американската одлука за пауза во нападите.
„Постои повеќе скептицизам отколку оптимизам. Преовладувачкиот став е дека паузата е тактичка, а не знак за суштинска промена во политиката на САД“, изјавил изворот за „Ројтерс“.
