Лидерот на источниот шпански регион Валенсија, Карлос Мазон, ги призна грешките во управувањето со катастрофалните поплави од минатиот месец, кои однесоа 216 животи во тој дел од земјата.
„Нема да ги негирам грешките“, рече Мазон во говорот пред регионалниот парламент, додавајќи дека нема да бега од одговорност.
На денот на катастрофата кон крајот на октомври, и покрај јасните предупредувања, Мазон продолжи со својот распоред, позирајќи за фотографии додека неговиот регион веќе беше погоден од поплави.
„Како шеф на регионалната влада, сакам да се извинам“, рече тој.
Додека Мазон зборуваше, околу 300 демонстранти се собраа пред парламентот во Валенсија, извикувајќи слогани и барајќи негова оставка, објави шпанскиот весник Ел Паис. Во саботата, околу 130.000 луѓе излегоа на улиците на Валенсија за да побараат негово разрешување.
И покрај зголемениот притисок, Мазон одбива да поднесе оставка. Наместо тоа, тој ги обвини шпанската метеоролошка агенција AEMET и Управата за речниот слив на Јукар за ненавремени и недоволни информации.
„Направивме најдобро што можевме во ситуацијата во која се најдовме, со информациите што ги имавме и ресурсите кои беа очигледно недоволни“, рече тој во парламентот.
Тој најави и формирање на собраниска анкетна комисија која ќе утврди што тргнало наопаку.
„Жителите на Валенсија имаат право да знаат сè што се случило, информациите што беа достапни и одлуките што беа донесени за време на вонредната состојба за што мора да побараме објаснување денес“, додаде тој.
Шпанија кон крајот на октомври се соочи со најсмртоносните поплави во последните децении, а регионот на Валенсија беше меѓу најтешко погоден.
Катастрофата однесе 224 животи на национално ниво, сериозно оштетена инфраструктура, уништени згради и поплавени обработливи површини, а загубите се проценуваат на десетици милијарди евра.
Во меѓувреме, овонеделните обилни дождови во Малага предизвикаа големи нови проблеми, принудувајќи илјадници жители да се евакуираат.