Првата подготвителна седница за организирање на конклавата, на која ќе се избере новиот папа, е закажана за понеделник наутро во Ватикан, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на ватикански извори.
На кардиналите, кои имаат право да го избираат папата (на возраст под 80 години), како и на кардиналите, кои немаат право да гласаат, им биле испратени писма да се јават во Ватикан на 4 март во 8,30 часот.
Тие ќе заседаваат во Новата синодска аула, каде вообичаено се оддржуваат заседанијата на епископите, како и најразлични конференции, организирани од Светата столица.
Ако на првото подготвително заседание не дојдат сите повикани кардинали, ќе се свикуваат нови заседанија, се додека сите не се соберат. Дури тогаш ќе биде утврден датумот на конклавата.
Најверојатното сценарио е конклавата да се свика во неделата што почнува на 11 март.