Во прашката клиника „На Буловце“ е примен првиот пациент со сомнителни симптоми на смртоносниот вирус МЕРС, соопшти министерот за здравство Сватоплук Њемечек.
Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, 25-годишниот маж неодамна се вратил од туристичко патување во Јужна Кореја. Пациентот моментално е изолиран, земени му се биоилошки материјали и резултатите ќе бидат познати в среда.
Инфекцијата МЕРС е предизвикана од коронавирус од истиот вид како што е оној кој го предизвикува заболувањето САРС од кое во 2003 година починаа 800 луѓе.
За разлика од САРС, симптомите на МЕРС се забележуваат покрај на дишните органи и со проблематична работа дури и откажување на бубрезите.
Мерки на претпазливост се преземени и на аеродромот во главниот чешки град каде се делат летоци со информации за болеста и се врши дезинфекција на авионите кои слетуваат од Кореја.
За време на викендот, сомнителен случај на заболен се јави и во Словачка, но тестовите подоцна беа негативни.