Враќањето на функцијата на суданскиот премиер Абдула Хамдок не ги намали тензиите во земјата, со оглед на тоа дека денеска организаторите на масовните протести во Картум во изминатите неколку недели повикаа на нови демонстрации, јави ДПА.
По договорот постигнат вчера меѓу Хамдок и воениот началник на земјата, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан за формирање преодна влада, гневните демонстранти синоќа излегоа на улиците, по што полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.
За денеска попладне е свикан уште еден протест. Противниците на новата привремена влада го обвинија Хамдок за предавство.
– Ќе ја вратиме нашата земја на вистинскиот пат, рече Хамдок по потпишувањето на договорот, додавајќи дека договорот ќе го отвори патот за враќање на демократијата на Судан.
Според договорот, на Хамдок ќе му биде дозволено да формира цивилен кабинет, додека Ал Бурхан ќе го води Суверениот совет, тело во кое ќе има претставници на војската. Тие заеднички ќе управуваат со земјата, како што беше случајот пред пучот во кој Ал Бурхан ја распушти владата и прогласи вонредна состојба.
Во последните недели имаше масовни протести на илјадници Суданци кои бараат демократија и цивилна влада. Пред само неколку дена, 15 цивили беа убиени за време на продемократските демонстрации кога војници пукаа во толпата.
Меѓународната заедница, која побара враќање на уставниот поредок по државниот удар, позитивно реагираше на новиот договор, нарекувајќи го „охрабрувачки“ во заедничката изјава потпишаана од ЕУ, Канада и Швајцарија.