Неколку стотици израелски „Жолти елеци“ денеска учествуваа на протестите во Тел Авив и Ерусалим против претстојните зголемувања на цените, по примерот на Движењето, што ја потресе Франција во последниве недели.
Оваа недела, израелските медиуми информираа дека ќе се зголемат цените на храната, водата, струјата, телефонската претплата и локалните даноци, како резултат на девалвацијата на шекелот во однос на доларот и еврото. Израел досега беше познат по високите трошоци за живот.
Учесниците во денешните протести побараа да се стави крај на економските монополи, за кои веруваат дека се основа на зголемувањето на цените и оптоварувањата за сите Израелци.
Во 2011 година, десетици илјади Израелци излегоа на улиците на мирни протести против високи кирии и високи трошоци за живот. Сепак, демонстрациите во минатото не постигнаа никаков резултат.
– Борбата против зголемувањето на трошоците за живот е само почеток, рече 63-годишниот Ази Нагар, еден од организаторите на протестот што се одржа на плоштадот „Франција“ во Ерусалим, недалеку од резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Активист на опозициската Партија на трудот рече дека сакаат да го следат примерот на Французите за да постигнат вистински промени.
Оваа недела министерот за финансии Моше Кахлон најави формирање комисија за да најде решение за проблемите.
Покрај добриот економски раст, ниската невработеност и досега незначителната инфлација, над 20 отсто од населението во Израел живее во сиромаштија.