Проруските бунтовнички сили во источниот дел на Украина ослободија 1.200 затвореници, потврди денеска украинскиот претседател Петро Порошенко.
Ослободувањето е извршено врз основа на договорот постигнат во петокот за прекин на огнот, според кој е предвидено двете страни да ги ослободат затворениците лица.
Изјавата за ослободените затвореници претседателот Порошенко ја даде за време на посетата на стратешки важниот град во југоисточна Украина, Мариопољ што во изминатите денови беше изложен на силен артилериски оган од страна на проруските бунтовници.
Својата посета на овој град, што важи за важно место на патот од Русија кон полуостровот Крим, кој во март беше анектиран од руските сили, претседателот Порошенко ја најави на својата интернет страница.
– Мариопољ е Украина и ние никому нема да му го дадеме овој дел од нашата земја, изјави на Твитер украинскиот претседател.
Соопштението за ослободените 1.200 лица доаѓа непосредно пред најавата на ЕУ за нови санкиции кон Русија, руски државјани и компании, доколку не се спроведуваат одредбите од договорот за прекин на огнот и не престанат непријателствата.
Официјална Москва од своја страна најави дека доколку има нови санкции Русија ќе го затвори својот воздушен прстор за западните авионски компании.