Преговорите меѓу Демократската унионистичка партија (ДУП) и Шин Феин, околу формирањето заедничка влада во Северна Ирска, одново пропаднаа без изгледи дека е можно брзо излегување од политичката криза.
Британскиот министер за Северна Ирска, Џејмс Брокеншир кој претходно на двапати постави краен рок за формирање извршна власт во покраината, заканувајќи се со воведување директна управа од Лондон, навести дека рзговорите ќе продолжат и во текот на летните месеци.
– Прашањата околу кои се спорат двете партии, бараат повеќе време за разрешување, изјави вечерва Брокеншир.
Лидерот на ДУП Арлен Фостер се согласува дека треба уште време за надминување на разликите, согласувајќи се со продолжување на дијалогот во текот на летото.
Лидерот на Шин Феин за Северна Ирска, Мишел О’Нил, меѓутоа, за неуспехот да се постигне согласност околу формирањето влада, ја обвини владата во Лондон и премиерот Тереза Меј.
– Неуспехот и на овие преговори е директна последица на договорот што ДУП го има направено со ториевците, за подршката на малцинската влада на Меј, изјави О’Нил во Белфаст.
Северна Ирска е без функционална влада од јануари оваа година, кога се растури заедничкта влада на ДУП и Шин Феин, по оставката на тогашниот заменик прв министер Мартин Мекгинис, кој во меѓувреме почина.
Неговата оставка предизвика паѓање на владата и одржување вонредни избори, по кои ДУП остана партија со најмногу пратеници во Собранието во Стормонт, но сега со само еден пратеник повеќе од Шин Феин.
Таквата разврска уште повеќе ја компликува ситуацијата, особено што сега Шин Феин со значително засилени позиции, уште повеќе инсистира на своите барања, поради кои пропадна и претходната влада.
Републиканците-католици бараат Фостер да не биде кандидат на ДУП за прв министер, обвинувајќи ја за поврзаност со еден енергетски скандал во покраната и инсистираат за конечно регулирање на статусот на ирскиот јазик во Северна Ирска.