Се зголемува тензијата во односите меѓу САД и Украина бидејќи постои суштинска разлика во однос на тоа каков мир треба да се склучи со Русија и дали треба да се признаат територијалните освојувања на Москва.
Вашингтон прагматично вели „да“, а Киев „не“, бидејќи тоа би го признало поразот.
Затоа денеска пропаднаа планираните разговори меѓу министрите за надворешни работи за Украина во Лондон, а средбата се одржа на пониско ниво, соопшти британскиот Форин Офис.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами, откако министрите за надворешни работи на Франција и Германија Жан-Ноел Баро и Анален Бербок се откажаа од учество, реши да не учествува ниту во преговорите за Украина, бидејќи претходно посетата на Лондон ја откажаа американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф.
Рубио одби да преговара набргу откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „Украина законски не ја признава окупацијата на Крим“. Зеленски со таа изјава се изјасни против еден од клучните американски предлози за завршување на војната и поради тоа Американците со тоа што не доаѓаат рекоа „тогаш ќе се снаоѓаш без нас, па да видиме што ќе постигнеш“.
Се очекува во Лондон да се сретнат преговарачи од САД, Европа и Украина за да продолжат со работата на договорот за прекин на огнот. Портпаролката на Стејт департментот Тами Брус првично во вторникот рече дека Рубио ќе присуствува на состанокот бидејќи „Лондон има потенцијал“, но набргу потоа рече дека државниот секретар ќе ги прескокне разговорите поради „проблеми со логистичкиот распоред“.
Стејт департментот соопшти дека во Лондон ќе присуствува и специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог. Но, штом се дозна дека Рубио не доаѓа, посетата на Британија ја откажаа и министрите за надворешни работи на Франција и Германија, иако беше објавена информацијата дека „има надеж дека во блиска иднина сепак ќе има средба на министерско ниво“.
Сепак, Украинците се појавија во силна формација: дојдоа шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и министрите за одбрана и за надворешни работи Рустем Умеров и Андриј Сибиха.
Јермак на својот канал Телеграм објави: „Денес ќе разговараме за начините за постигнување целосен и безусловен прекин на огнот како прв чекор кон полноправно процес на решавање и постигнување праведен и одржлив мир“.
Сепак, на сите им беше јасно дека разговорите без Американци немаат речиси никаков ефект. Украинците се уште ја имаат поддршката од Европската унија. Европа е против Русија да го преземе Крим и против укинувањето на санкциите против Русија во преговорите со САД, пренесува Ројтерс повикувајќи се на европски дипломати.
„Покрај признавањето на Крим, остануваат уште некои пречки, вклучително и желбата на Русија да ги укине санкциите што и беа наметнати од Европската унија пред крајот на преговорите, на што Европа силно се противи“, цитира „Ројтерс“ изјавите на дипломатите.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена најави дека се надева оти Русија и Украина „ќе постигнат договор оваа недела“, односно меѓу 21 и 27 април. Како што пренесува порталот „Акиос“, Трамп предупредил дека САД би можеле да се повлечат од преговарачкиот процес доколку нема напредок, а Марко Рубио по минатонеделната посета на Париз изјави дека САД немаат намера да преговараат со месеци.
Проблемот е што САД се подготвени да го разгледаат признавањето на Крим како дел од Русија како дел од мировниот договор. Американската страна за ова ги информирала украинските претставници на преговорите одржани во Париз на 17 април. За да биде ситуацијата уште полоша, американскиот предлог предвидува Украина да се откаже од плановите за влез во НАТО и да ја префрли контролата на територијата во близина на нуклеарната централа Запорожје на САД. „Акиос“, врз основа на дојава од Белата куќа, на 22 април објави дека ова е „последната понуда“ на САД.
Впрочем, на чија страна е Америка денес, покажува откривањето на „Вашингтон пост“ дека администрацијата на Трамп го отпуштила координаторот за собирање разузнавачки информации за руските злосторства во Украина. Позицијата во Канцеларијата на директорот на националното разузнавање беше создадена според законодавството во коавторство на конгресменот Џејсон Кроу и Мајкл Волц, актуелниот советник за национална безбедност на претседателот на САД.