Пронајдена е најголемата масовна гробница во Европа

Од:

Археолозите велат дека ја откриле најголемата масовна гробница некогаш ископана во Европа. Приближно 1.000 скелети на жртви од чума се пронајдени досега во масовна гробница во центарот на градот Нирнберг, во која експертите веруваат дека може да содржи вкупно повеќе од 1.500 луѓе.

Остатоците се откриени при археолошки истражувања пред изградбата на нови станбени згради во градот.

Мелани Лангбејн, од одделот за наследство во Нирнберг, изјави за Си-Ен-Ен дека се идентификувани осум јами, од кои секоја има неколку стотици тела.

„Овие луѓе не беа погребани на вообичаените гробишта, иако идентификувавме гробишта за болни од чума во Нирнберг. Тоа значи голем број мртви луѓе кои мораа да бидат погребани за краток временски период, без оглед на христијанските обичаи за погребување“, рече таа.

Според неа, епидемија како чумата е „повеќе од веројатна“ објаснување за масовната гробница. Од 14 век, Нирнберг неколку пати се соочувал со епидемии на чума, па затоа било тешко да се одреди кога датираат пронајдените скелети.

Археолозите користеле радиојаглеродно датирање и утврдиле дека скелетите од една јама припаѓаат на луѓе кои живееле помеѓу доцните 1400-ти и раните 1600-ти. На локалитетот се пронајдени грнчарски парчиња и монети кои датираат од тој период.

Лангбејн нагласи како откриле белешка од 1634 година во која се опишува појава на чума која убила повеќе од 15.000 луѓе во 1632-1633 година. А во белешката стои дека речиси 2.000 луѓе биле погребани во близина на Св. Себастијан Спитала, местото на сегашното ископување.

Џулијан Декер, чија компанија In Terra Veritas ги спроведува ископувањата, призна дека бил изненаден од откритието.

„Немаше индикации дека се закопани на ова поле“, истакна тој, додавајќи дека кога биле откриени првите останки, мислел дека тие би можеле да бидат жртви на бомбардирања од Втората светска војна.

Декер сега верува дека локацијата содржи повеќе од 1.500 скелети.

„Јас лично очекувам бројката да биде 2.000 или уште поголема, што ќе ја направи најголемата масовна гробница во Европа“, предвидува тој.

Лангбејн изјави за CNN дека епидемијата од 1632-1633 година беше полош од оние што дојдоа порано поради влијанието на Триесетгодишната војна, серија конфликти што ги водеа европските нации од 1618 до 1648 година.

„Нирнберг беше опкружен со различни трупи и населението живееше во прилично тешки околности“, објасни таа.

Истражувачите тврдат дека гробовите содржат репрезентативен примерок на општеството во тоа време, што им овозможува да ги испитаат карактеристиките на населението.

Би можело да ве интересира

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија