Во регионот Нагорно-Карабах во тек се жестоки борби меѓу ерменската и азербејџанската армија и во двете земји е прогласена воена состојба.
Во борбите до сега загинале 17 ерменски војници, а повредени се повеќе од 100.
ОН ги повикаа двете страни итно да прекинат со борбите и да се вратат на преговори.
Итен прекин на судирите бараат и Москва, Вашингтон и Брисел, додека Анкара ја обвинува Ерменија и најавува целосна поддршка за Азербејџан.
Портпаролот на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степањијан изјави дека Министерството за одбрана на непризнаената област Нагорно-Карабах успеало да ја врати контролата над бројни позиции кои претходно ги зазела азербејџанската армија.
– Единиците на Артсах ја вратија контролата за време на борбите над областите кои претходно го загуби, наведува портпаролот.
Азербејџанското Министерство за одбрана денеска издаде соопштение во врска со тековните ерменски напади врз Тартар.
– Градот Тартар е на удар на ерменските единици од утрото на 28 септември. Министерството за одбрана за последен пат ја предупредува другата страна дека ќе преземеме соодветни мерки против нив, се вели во соопштението.
Министерството наведува дека биле убиени вкупно шест азербејџански војници, додека 19 биле ранети.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст изрази загриженост поради ескалацијата на конфликтот на линијата за раздвојување во регионот Нагорно Карабах.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека има цивилни жртви на двете страни и ги повика сите да ги почитуваат основните правила на меѓународното хуманитарно право кога станува збор за заштита на цивилите и основната инфраструктура.
– Остануваме посветени на помагање и поддршка на погодените во оваа ескалација, како и на дејствување како неутрален медијатор, се вели во соопштението на Меѓународниот црвен крст.