Портпаролот на азербејџанското Министерство за одбрана, Вагиф Дарџахли, денеска изјави дека продолжија борбите меѓу азербејџанските и ерменските сили долж целата линија на фронтот, истакнувајќи дека нивната армија е во предност, а ерменската армија претрпела големи загуби во луѓе и опрема.
Претходно, портпаролот на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степањан, изјави дека Армијата за одбрана на Нагорно-Карабах уништила голема единица на азербејџанската армија.
Тасс пренесе дека Дарџахли утринава експресно ги негираше тврдењата дека азербејџанската армија изгубила 200 лица, тврдејќи дека станува збор за „лажна вест“. Притоа тој ја обвини ерменската страна за гранатирање на позициите на азербејџанските сили долж целата линија на фронтот, како и на цивилните објекти кои се наоѓаат во тамошните населени места.
Според него, во гранатирањата имало и цивилни жртви, иако не го прецизираше бројот на загинати, како и кои инфраструктурни објекти се оштетени.
Претседателот на непризнатата Република Нагорно-Карабах, Араик Арутијан, вчера изјави дека врз главниот град Степанакерт биле истрелани над 100 ракети од лансирниот систем „Смерц“.
Само поради огромната среќа, додаде Арутијан, немаше поголеми загуби во гранатирањето на главниот град, пренесоа руските медиуми.
-Се чини дека причината зошто азербејџанската страна го засили гранатирањето врз Степанакерт е што ерменската армија успеа да ги исполни сите задачи, да ги одбие нападите и од воздух и од земја. Покрај тоа, азербејџанските сили повторно претрпеа големи загуби, рече Арутијан.