Со ескалацијата на насилството во северна Етиопија, Обединетите нации предупредија на ширење на граѓанска војна во земјата.
– Никој не може да предвиди што ќе донесат продолжувањето на борбите и несигурноста. Но, дозволете ми да бидам јасен – она што е сигурно е дека ризикот Етиопија да западне во проширена граѓанска војна е премногу реален, рече претставничката на ОН за политички прашања Розмари Ди Карло на седница на Советот за безбедноср на ОН.
Конфликтот во северниот регион Тиграј доби катастрофални размери, рече таа.
– Борбите ја ставаат иднината на земјата и нејзиниот народ, како и стабилноста на поширокиот регион на Рогот на Африка во голема неизвесност во последните денови, додаде Ди Карло.
Конфликтот на владата на Етиопија со Народниот ослободителен фронт на Тиграј почна пред една година и се интензивира во последните денови, а минатата недела беше прогласена вонредна состојба на национално ниво и на жителите на главниот град им беше кажано да се вооружат за да ги одбранат станбените области.
Во ноември 2020 година, премиерот Абиј Ахмед почна воена офанзива против ТПЛФ, кој долго време управуваше со северниот регион Тиграј и беше главен играч во националната политика на Етиопија.
Тензиите почнаа кога Абиј дојде на власт во 2018 година и се обиде да го намали хеговото влијание.
Од почетокот на август, конфликтот се прошири од Тиграј во соседните региони Афар и Амхара. Заедно со бунтовниците на Ослободителната војска на Оромо (ОЛА), ТПЛФ напредува кон главниот град на Етиопија, Адис Абеба.