Амбасадорот на Никарагва во Русија, Луис Алберто Молина изјави денеска дека неговата дипломатска мисија муго испратила на претседателот на државата Даниел Ортега писмото на поранешниот соработник на ЦИА и НСА, Едвард Сноуден, во кое тој бара политички азил.
– Примивме писмо од Сноуден. Го испративме во Никарагва, така што претседателот ќе го разгледа барањето, рече Молина во изјава за руската агенција ИТАР-ТАСС.
Молина истакна дека засега не е планиран ниту еден состанок со претставници на Амбасадата во Москва со Сноуден.
Сноуден во Русија пристигна на 23 јуни, откако на почетокот на минатиот месец го објави тајниот налог на судот, со кој специјалните служби на САД добиле пристап до сите повици на најголемиот американски мобилен оператор „Верајзон“.
Тој објави и податоци за супертајната програма на својот поранешен работодавач, американската Национална агенција за безбедност (НСА), „Призма“, која овозможува следење на електронските комуникации на најголемите Интернет страници.
Сноуден се наоѓа во транзитното одделение на московскиот аеродром Шереметјево, од каде досега поднесе барања за азил во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Венецуела и Еквадор. Повеќето од тие земји веќе ги одбија барањата за азил.