Властите во Германија, Холандија и Швајцарија денеска извршија претреси во домовите и канцелариите на шест лица, кои се осомничени за основање на екстремно десничарска „терористичка организација“.
За време на акцијата во Швајцарија биле уапсени две лица. Весникот „Шпигел“ тврди дека еден од уапсените е 25-годишниот Себастијан Н., кој во мај 2012 година претепал едно момче во Цирих по што побегнал, а два дена подоцна бил повикан на сослушување во Хамбург, Германија. Според весникот, Себастијан е една од двете главни личности во наводната терористичка мрежа.
Во соопштението на обвинителството во германскиот град Карлсруе, кое се занимава со антитерористички прашања, се наведува дека целта на групата, наречена „Единица Злобен дух“, веројатно била уривање на германскиот политички систем, а осомничените веројатно сакале да извршат терористички напади.
Според обвинителството, досегашната истрага не открила никакви докази за планирани напади, но се смета дека групата создала шифрирана програма за комуникација меѓу своите членови. Целта на претресите била пронаоѓање информација за евентуалните планови за напад.
Германската радикална десница организирала серија настани, меѓу кои и хуманитарни концерти, за да го помогне финансирањето на наводната неонацистичка терористичка група, која се претпоставува дека е одговорна за серија убиства врз основа на расистички побуди, грабежи на банки и бомбашки напади.
Последниот преживеан член на групата „Националсоцијалистички нелегални“ Беате Чепе е обвинета за соучешништво при убиството на осум Турци, еден Грк и германска полицајка во периодот од 2000 до 2007 година. Другите двајца членови на групата Уве Мундлос и Уве Бонхарт загинаа при наводно убиство или самоубиство во ноември 2011 година. Другите четворица обвинети за делото ќе одговараат за помагање на неонацистичката група.